|
Енергијата на сончевото зрачење е најобилен, неисцрпен, бесплатен и обновлив извор на енергија, кој не ја загадува околната средина. Меѓутоа, има два основни недостатоци и тоа: има мала густина на енергетскиот флукс и е непостојана. Сонцето е основен извор на енергијата на сончевото зрачење. Надворешниот слој на Сонцето зрачи огромна енергија во свемирот. Густината на протокот на сончевото зрачење на површината на Сонцето изнесува 63 MW/m2, а измерена на надворешната страна на земјината атмосфера, на површина нормална на сончевите зраци, се менува (поради тоа што земјината орбита е елиптична) и изнесува од 1308 до 1389 W/m2. Средната густина на протокот изнесува 1353 W/m2 и се вика сончева константа. Утврдено е дека 1 m2 хоризонтална површина на Земјата во лето на пладне, прима максимално околу 1000 W сончева енергија. Според тоа низ атмосферата, заради рефлексија и апсорпција, интензитетот на сончевото зрачење се намалува за околу 400 W. Интензитетот на сончевото зрачење на површината на Земјата зависи од времетраењето на светење на Сонцето во текот на денот и аголот на сончевите зраци кон хоризонталната рамnина. И двете големини, за одредено место на Земјата, се многу променливи и тоа не само во текот на годината, годишното време и месецот, туку и во текот на денот. На површината на Земјата пристигнуваат две компоненти на сончевото зрачење и тоа: - една која доаѓа директно од Сонцето и се нарекува директно сончево зрачење, и - втората која настанува со растурање на директното сончево зрачење во атмосферата и се нарекува индиректно, или дифузно сончево зрачење. Заради големиот број на облачни и магловити денови во зимскиот период, поголемиот дел од сончевото зрачење на површината на Земјата пристигнува во облик на дифузно зрачење. Но, дифузното сончево зрачење постои секогаш во атмосферата, дури и во текот на нај ведрите денови. Ова дифузно сончево зрачење понекогаш достигнува и до 10 % од директното сончево зрачење.
KAРАКТЕРИСТИКИ НА СОНЧЕВОТО ЗРАЧЕЊЕ ВО Р. МАКЕДОНИЈА Република Македонија е подрачје во кое, според досегашните мерења, интензитетот на сончевото зрачење е поволно за добивање на енергија. Глобалното сончево зрачење во Р. Македонија е максимално во југозападниот планински регион и неговата максимална годишна вредност изнесува околу 1500 kWh/m2.
|
26-Feb-23 |